Ракометарите на Вардар во вторник го играат еден од најважните натпревари во Лигата на Европа. Во Скопје гостува бундеслигашот Мелсунген, а тренерот Иван Чупиќ очекува со поддршка од навивачите Вардар да дојде до победа.
„По поразот од Бенфика, знаеме дека имаме важен меч пред нас. Ја знаеме силата на Мелсунген, ќе се подготвиме за нив. Нема што многу да се каже. Квалитетна екипа, има квалитетен тренер, играат заедно неколку сезони. Наша цел е со два домашни меча да обезбедиме осминафинале, тоа е наш прв план. За да се реализира тоа, не чека тежок дуел. За крај на моето излагање, се надевам дека по тешка недела пред нас и што завршивме убаво против Алкалоид, утре ќе ја наполниме салата, и ние на терен и навивачите на трибина ќе направиме атмосфера, и задоволни со два бода ќе продолжиме, изјави Чупиќ.
Слично размислува и словенечкиот интернационалец Јака Малус.
„Сите знаеме што е екипата на Мелсунген, но мислам дека по мечот во Автокоманда покажавме дека имаме карактер, по еден пораз не паднавме, не сме заборавиле да играме ракомет. Мораме да одиме на победа, заслужуваме да имаме полна сала, со таква атмосфера ќе ни биде полесно. Екипите во Германија не знаат што значи ваква атмосфера, да ни помогнат и да победиме на мечот и да направиме чекор кон нашата цел, вели Малус.
Средбата се игра утревечер од 20.45 часот.

