Чупиќ: Со одлична одбрана го добивме дербито

Ракометарите на Вардар 1961 направија голем чекор кон враќање на тронот во македонскиот ракомет, откако го победија актуелниот шампион Еурофарм Пелистер во Битола со 22-27 и се зацврстија на врвот на табелата со шест бода предност.


Со оваа победа во најголемото дерби, вардарци ја држат контролата над својот пласман до крајот на плеј-офот.

Тренерот Иван Чупиќ по дербито во салата „Боро Чурлевски“ ги пофали играчите и не го криеше задоволството, но остана приземен, нагласувајќи дека и покрај големата бодовна разлика со ривалот, има уште многу натпревари за играње.

„Првото полувреме игравме нервозно, со црвен картон, промашувавме зицери и губевме топки, но останавме во мечот. Благодарение на голманот и добрата одбрана, не дозволивме Пелистер да направи поголема разлика. Во второто полувреме се смиривме, продолживме со одбраната и знаевме дека нашите моменти ќе дојдат, дека ќе го притиснеме Пелистер да ризикува и да чекаме своја шанса. Мечот беше фер и коректен, со одлична атмосфера, секогаш е убаво да се игра пред полна сала. Ова беше шампионска одбрана за титула и тоа ни донесе два важни бода. Сезоната сè уште трае, цел март, април и мај. Има уште многу да се игра и за што да се бориме, за титула, за Купот и за Ф4 во Европската лига. Затоа, одиме чекор по чекор“, порача Иван Чупиќ.

- Оглас -

Најнови вести