Разочарани се фудбалерите, а како и да не бидат откако синоќа загубија со 4:0 во Копенхаген од Данска. По овој пораз, згаснаа надежите дека Македонија може да стигне до историското прво учество на Светско првенство. По мечот, Дарко Чурлинов констатира дека една грешка на почетокот на второто полувреме била клучна за тоа што се случи до крајот.
„Првото полувреме мислам дека го одработивме добро. Влеговме во второто, направивме една грешка и тоа нѐ чинеше многу. Повеќе од ова нема што многу да се каже. Во првото полувреме не направија Данците ништо повеќе од нас, не знам што да кажам. Дојдовме тука да победиме, загубивме и тоа е дел од спортот. Одиме натаму. Тажен? Секако дека сум тажен. Но, повеќе сум разочаран што не минавме натаму“, рече Чурлинов.
Крилниот играч кој го одигра 34-тиот натпревар за Македонија додава дека секој фудбалер треба да биде свесен како одиграл.
„Нема јас што да кажувам, секој за себе нека си остави тоа. Ако некој се погледне во огледало и мисли дека одиграл добро, ОК! Некој не мисли така, ОК! Треба самите да си ги сознаеме грешките. Сите ние имавме грешки вечерва, сите, од прв до последен. Не е за криење. Не сметам дека овој пораз треба да не турне надолу. Напротив, треба да тргнеме во нови победи“ изјави Чурлинов веднаш по мечот.

