После пребродувањето на здравствените проблеми, Дарко Чурлинов повторно игра фудбал, доби повик и во репрезентацијата на Македонија, и во комбинација е за настап на саботното гостување кај Украина.
„Убаво е чувството пак да се биде на терен, поминав низ еден тежок период, пресреќен сум што повторно можам да играм фудбал и што повторно можам да бидам дел од репрезентацијата. Спремен сум да играм, од пред две недели смеам да настапувам, кондициски сум доволно подготвен, на добар пат сум. Играв два меча за вториот тим на Барнли, би требало да заиграм и за првиот тим во клубот“ – вели Чурлинов.
За средбата со Украина во Прага, Чурлинов смета дека и од играта на македонскиот тим зависи каков ќе биде исходот.
„Без разлика против кого играме, треба да се фокусираме на нас, знаеме колкав квалитет имаме, но треба тоа да го покажеме на терен. Ќе го анализираме уште еднаш оној меч од Скопје, ќе видиме каде ни биле грешките. Ако ние играме добро, тогаш можеме да се носиме со секого“ – изјави Чурлинов.