Македонската фудбалска репрезентација ги одработува подготовките пред двата последни меча во Лигата на нациите. Нашата селекција прво ќе ѝ биде домаќин на Летонија в четврток, а потоа ќе ги угостиме и Фарски Острови, а тој меч ќе се игра на 17 ноември.
На Македонија доволно ѝ е да освои само еден бод од двата меча за да биде сигурно првопласирана во оваа група, а Дарко Чурлинов верува во успех.
„Нема поголема мотивација од тоа кога играш за Македонија. Натпреварите нема да бидат лесни затоа што денеска нема послаба или појака репрезентација. Сметам дека повеќето репрезентации во денешно време се на исто ниво. Од таа причина треба да дадеме сè од себе и да настапиме како што настапуваме на секој друг натпревар, а тоа е да дадеме 100 отсто и мислам дека сè ќе биде во ред. Треба да се насочиме на тоа што ќе ни го каже селекторот. Ако излеземе на теренот и го правиме тоа што ни е кажано и секој ја заврши својата задача, ќе поминеме многу добро“, вели Чурлинов.
Од денеска во националниот состав дополнително е повикан и Бојан Илиевски, кој игра на позицијата десен бек во екипата на Струга ТЛ.