Да не го утна тајмингот? Херојот на Бразил што погоди за олимписко злато ќе игра за репрезентацијата на Русија

Бразилецот Малком Филипе Да Силва Оливеира ќе земе руско државјанство и во иднина ќе игра за оваа репрезентација, откако не добива повик за настап за А селекцијата на Кариоките.

Малком моментно е играч на руски Зенит Санкт Петербург, а беше главниот јунак на бразилската олимпска селекција на последните Летни игри, кога со гол во продолжението против Шпанија му донесе на Бразил триумф од 2:1 и златен медал во Токио.

Тајмингот на познатиот бразилски ас, за кој Барселона му плати на Бордо 42 милиони евра во 2018 година да смени фудбалски пасош не е баш погоден, со оглед на санкциите што ги трпи и фудбалската репрезентација на Русија од ФИФА и УЕФА.

Русите нема да играат на Мундијалот во Катар, откако ФИФА ги исфрли од бараж системот за настап на СП, а нема да бидат присутни ниту на ЕП во 2024 година, бидејќи УЕФА ги елиминира од квалификацискиот процес.

Сепак Малком е одлучен да земе руско државјанство и може да игра за оваа земја во перспектива, бидејќи нема ниту еден настап за А селекцијата на Бразил, иако Кариоките ќе го паметат по голот вреден олимписко злато напоследните летни игри во Јапонија лани.

Тој игра за Зенит Санкт Петербург од 2019 година, односно замина во Русија, само една година откако Барса го плати скапо, а не успеа да потврди дека и приближно вреди 40 милиони евра.

Сепак Каталонците си ги вратија парите што му ги платија на Бордо за Малком, откако Зенит им плати 40 милиони евра и плус прифати бонуси од пет милиони евра за петгодишен договор со 25-годишниот Бразилец.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести