Со еден, ама многу тежок пораз од 7:1, Македонија ги заврши квалификациите за пласман на Светско првенство и на крајот го зазеде третото место, зад Белгија и Велс, но пред Казахстан и Лихтенштајн.
Оваа позиција беше некако и најреална за Македонија уште кога започнаа квалификациите, но факт е дека до пред последното коло теоретски бевме во борба за првото место, а ја браневме, но не ја одбранивме втората позиција.
На крајот, Македонија заврши со три победи, четири нерешени и еден пораз со гол-разлика од 13 дадени и 10 примени гола. И овој биланс беше доволен за Македонија да се најде во баражот за пласман на СП 2026, и тоа како еден од освојувачите во Ц сегментот во Лигата на нациите.
Македонија ќе биде во последниот по силина барабан и за ривал ќе го чека еден од најсилните, а таму се: Италија, Данска, Турција и Украина. Првиот бараж-дуел ќе се игра на 26 март следната година, а Македонија ќе игра на гостински терен.
Ако успееме да го поминеме првиот ривал, ќе се игра втор бараж, кој ќе биде последна пречка за пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.
Тоа практично значи дека Македонија е само на два меча до остварување на сонот, а тоа е пласман на планетарниот собир следната година.


