Да се биде или не за Џенова, има најави дека Пандев ќе биде стартер во лигуриското дерби

Џенова доста лошо ја почна сезонава, има само една победа во девет кола, а вечерашното гостување кај ривалот Специја може да биде еден од пресвртните мечеви за Грифоните во оваа сезона.

Специја е сосед на Џенова и географски и според местото на табелата. Од Џенова до Специја има само 100 километри, тие се лигуриски ривали и навивачите не се сакаат едни со други. Ниту Специја не е претерано добра, има само еден бод повеќе од Џенова во моментов.

Тренерот на Џенова, Давиде Балардини, е под огромен притисок и ако тимот загуби, тоа нема да му биде простено и веројатно ќе треба да се збогува со функцијата во Џенова.

„Овој меч е многу важен за нас, но и за Специја. Ова е директен дуел за опстанок, иако уште е рано за такви заклучоци. Треба да играме многу подобро, имаме желба за победа. Потребен е добар пристап, не сме задовилни и за да се променат нештата и да тргнеме нагоре на табелата, крајно време е да победиме“, вели Балардини.

Тренер на Специја е Тијаго Мота, човек кој му бил и соиграч и тренер на нашиот Горан Пандев. Има најави дека Пандев, кој најчесто е резерва, може да тргне од прва минута против Специја.

- Оглас -

Најнови вести