Нотингем форест приреди прекрасн фудбалско шоу на „Сити граунд“ во Нотингем и го декласира премиерлигашот Лестер со 4:1 во 1/16-финалето на ФА купот.
Популарните Шумари кои се еден од легендарните клубови во Англија со две европски круни, моментно се второлигаши, но лесно го елиминираа фаворитот од најсилната англиска лига.
Зинкернагел, Џонсон и Ворал за само 8 минути во средината на првото полувреме најавија дека Нотингем форест ќе игра во осминафиналето на националниот куп на Англија, а Лестер го докусури Спенс со последниот погодок на мечот во 61. минута.
Лестер успеа само да постигне почесен гол, а стрелец беше Ихеначо во 40. минута.
Ова е втор меч во оваа фаза во ФА купот, во кој член на Чемпионшип лигата елиминира клуб од Премиерлигата.
Завчера Манчестер јунајтед загуби на пенали на „Олд Трафорд“ од Мидлзбро, исто така во дуел на фаворит од Премиерлигата и аутсајдер од Чемпионшип лигата.
Нотингем форест, кој има две титули европски првак од 1979 и 1980 година во осминафиналето на ФА купот ќе игра против Хадерсфилд, исто така второлигаш во Англија.