Македонија има квалитет и заслужено е во завршниот квалификациски циклус со бараж-мечеви за настап на Мундијалот во Катар, а интересно е што и за дуелот со великанот Италија има симболика што нè потсетува на сензацијата што ја приредивме лани во март, против Германија во Дуисбург.
Во истиот квалификациски циклус за ова Светско првенство на 31 март приредивме фудбалско чудо со триумф од 2:1 против Германците. Уникатна победа на Македонија за која долго пишуваше и говореше фудбалскиот свет, а ние ќе ја паметиме како една од најголемите во историјата на нашиот спорт.
И тогаш се играше во март, а исто како и против Германија, и сега ќе бидеме гости на еден светски фудбалски великан, Италија, на бараж-меч на 24 март во Палермо.
Има и дополнителна симболика бидејќи и двете селекции гиганти на светскиот фудбал имаат по 4 мундијалски титули и се на делба на второто место на вечната листа само зад Бразил, кој петпати беше светски првак.
Италија сега е актуелен европски првак, а Македонија ќе се обиде да ги спречи да им се приклучат на Германците на Мундијалот во Катар.
Германија како прва во нашата квалификациска група се пласира на Светското првенство, а и Македонија и Италија беа второпласирани, па низ дополнителни баражи ќе се обидат да дојдат до Катар и настап на Мундијалот што ќе се игра оваа година во ноември и декември.
Победникот од овој бараж ќе игра со Португалија во Порто или со Турција во Коња за конечен триумф и пат за Катар.