Дабевска: Репрезентацијата е млада и талентирана и во иднина ќе биде многу подобра

Женската ракометна репрезентација со пораз од 23:31 од Романија го заврши настапот на Европското првенство. Ракометарките, кои се најмлади на ЕП, во првото коло загубија од актуелниот светски и олимписки шампион Франција со 14:24, а во второто подобра беше Холандија, која славеше со 15:30.

Пикерот Сања Дабевска, која даде седум гола во поразот од Романија, вели дека оваа репрезентрација е млада и во иднина ќе биде уште подобра.

„Честитки на Романија за победата и ѝ посакувам многу среќа во втората фаза. Ние одигравме со многу срце и одлично се држевме во првото полувреме. Нашиот тим е млад и талентиран и се надевам дека во иднина ќе бидеме уште подобри“, изјави Дабевска на прес-конференцијата.

Токму младоста и неискуството, според Симона Маџовска, се причина зошто тие не ги израдуваа навивачите.

„Само ние знаеме како ги издржавме претходните денови меѓу натпреварите со сите негативни коментари кои сакале или не стигнуваат до нас и ги читаме. Мислам дека се собравме психички, однапред знаевме дека не можеме да се надигруваме со Франција и Холандија бидејќи станува збор за големи репрезентации, но Романија ни беше должник од баражот за Светско. Таа е познат противник и покрај тоа што резултатот укажува на нешто друго, мислам дека во поголем дел од мечот бевме рамноправни. Покажавме дека можеме да се носиме со противникот и жал ми е што не ја израдувавме публиката. Досега многупати се зборуваше за нов систем и нов план. И покрај тоа што сме многу млада репрезентација, имаме потенцијал и доколку тие го прифатат системот, имаат желба за надградување и напорно тренирање, мислам дека можат далеку да стигнат и да го вратат сјајот на женскиот ракомет. Желбата не недостасуваше, но недостасуваше концентрација во клучните моменти бидејќи имавме чисти позиции и со играч повеќе. Имавме и избрзани обиди, но тоа е сè до желбата. Со цело срце секој сака да даде гол“, вели Маџовска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести