Анте Будимир, клупскиот колега на Александар Трајковски од Мајорка, го нема ниту на поширокиот список на кандидати за настап во хрватската репрезентација, иако Будимир сезонава во шпанската лига даде 9 гола, а за него се интересираше и Барселона, која сепак место него, го купи Мартин Брајтвајт.
Будимир сезонава во Примера дивизија е поефикасен од скапо платени напаѓачи, како Гриезман, Мората, Фекир, Жоао Феликс или Ињаки Вилијамс, па оправдано очекуваше да биде повикан и ставен барем на поширокиот список. Но, селекторот Златко Далиќ го изостави.
Кон крајот на месецов Хрватска треба да игра на турнир во Доха, како една од последните подготовки пред Европското првенство кое почнува во средината на јуни. Главни напаѓачи на Хрватска се Андреј Крамариќ и Бруно Петковиќ, па Будимир за настап за својата земја ќе почека до есента, кога почнува новата сезона во Лигата на нациите.