Дади директно од Грузија направи хуманитарен тикет за мерак, а најави и дека Македонија ќе игра на ЕП

Македонската фудбалска репрезентација е само на еден чекор од пласман на првото, историско Европско првенство. Грузија следниот месец ќе биде ривалот во мечот да се биде или не за нашата репрезентација. Токму во Грузија сезонава игра некогашниот капитен на младата фудбалска репрезентација на Македонија, Владимир Димитровски.

Популарниот Дади е единствниот наш фудбалер кој игра во најсилната лига во Грузија. Член е на екипата Телави и добро ги познава фудбалските прилики во оваа некогашна СССР земја. Димитровски со задоволство прифати да направи споредба помеѓу репрезентациите на Македонија и Грузија и кој има поголеми шанси за пласман на ЕП, но и да направи традиционален петочки хуманитарен тикет во Sport Life.

„Го гледав мечот на Македонија со Косово и среќен сум што победивме. Добро го отворивме дуелот и брзо дадовме гол. Среќа што и по направената грешка, повторно брзо го вративме водството. Момците одиграа добар меч, пристапот беше одличен, беа мотивирани и не му дозволија на Косово да создаде речиси ниедна посериозна шанса освен таа во судиското надполнување. На крајот, најважно е што победивме“, вели Димитровски.

Неколку часа пред мечот на Македонија, Грузија со 1:0 ја победи Белорусија, а стоперот, кој има и четири настапи за македонскиот сениорски тим, верува дека нашата репрезентација има поголеми шанси за пласман на Европското првенство.

„Грузија против Белорусија даде гол од пенал и потоа спласна темпото на игра. Немаше интензитет, немаше динамика, но Грузија го одработи тоа што сакаше. Што се однесува за финалниот меч за пласман на ЕП, реално Македонија е подобра од Грузија. Имаме позвучни имиња, подобри сме и како колектив. Сепак, еден меч е и тоа на гости, па иако се игра без публика, треба да бидеме претпазливи. Кога се игра само еден меч, може еден момент да биде решавачки. Сепак, генерално сме поквалитетни и ова е шанса која не смееме да ја пропуштиме. Толку години чекаме, време е да се исполни сон и Македонија да заигра на ЕП“, оптимистички коментира некогашниот играч на Вардар, Работнички, Вестерло, Млада Болеслав, Керкира…  

Што се однесува до обложувањето, Димитровски вели дека не игра, но знае понекогаш да направи „луд“ тикет колку за забава. Овојпат на репрезентативните мечеви од дуелите во Лигата на нациите ќе се обиде да погоди седум натпревари.

„По победата над Косово, секако, прва на тикет ми е Македонија дека ќе слави и на гости кај Естонија. Мора да се задржи победничката атмосфера. Грузија гостува кај Ерменија и тоа ќе биде тврд меч, во кој мислам дека нема да има многу голови. Шпанија одигра без погодоци со Португалија и мислам дека втор дуел по ред нема да биде сиромашно со голови, па очекувам победа над Швајцарија. На дербито меѓу Англија и Белгија очекувам двата тима да дадат барем по еден гол“, анализира Димитровски, кој не може, а да не ја одигра и неговата омилена репрезентација, Италија.

„Италија ќе има тешка задача на гости кај Полска, но, сепак, мислам дека одбраната на гостите ќе биде појака од нападот на Полска, кој го предводи Роберт Левандовски. Босна и Херцеговина разочара по елиминацијата од Северна Ирска и сега со паднат морал нема да има шанси против Холандија. Во дуелот на светскиот и европски првак мислам дека Франција ќе ја победи Португалија“, заврши со своите прогнози, некогашниот капитен на младинската репрезентација на Македонија.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести