Владимир Димитровски експресно се наметна како еден од најдобрите фудбалери во грузиското првенство и со стартните два настапи за Телави е избран двапати во тимот на колото.
За грузиските медиуми популарниот Дади е интересен и поради можниот дуел меѓу Грузија и Македонија во Тбилиси во финалето од Сегментот Д во Лигата на нациите, што би му донело на победникот историски настап на Европското првенство што ќе се игра годинава од 12 јуни до 12 јули.
„Да, очекувам токму Грузија и Македонија да играат во финалето за место на Европското првенство и, секако, очекувам мојата земја да се пласира. Грузија ќе ја има предноста да игра на свој терен и ќе има огромна поддршка од публиката, но Македонија има квалитет да ги прегрми сите искушенија и конелчно да се пласира на големо натпреварување“, вели Димитровски во интервју за „90wuti.ge“.
Телави е релативно нов клуб, формиран во 2016 година, но е и многу амбициозен па целта е да се оствари пласман што води во европските купови.
За таа цел е ангажиран и поранешниот капитен на младата репрезентација на Македонија до 21 година. Димитровски има и 4 настапи за А селекцијата на Македонија.