Реал Сосиедад пред два дена на „Аноета“ беше домаќин на Реал Мадрид, дуел во кој тимот од Сан Себастијан славеше со 3-1. Но, тоа не е главната приказна, шпанскиот клуб викендов промовираше нов вид навивачки шалови, кои би требало во иднина да бидат достапни и за други клубови, не само од фудбалската сфера.
Пред почетокот на самиот меч беа промовирани новите шалови со технологија која овозможува да се пристапи на стадион без да се купи карта. Беа изработени околу 500 вакви шалови, а навивачите имаа можност да ги употребат за повеќе намени освен за навивање.
Шаловите претставуваат сезонски карти, а во секој од нив е врежана уникатна идентификација. Навивачите преку посебна апликација на своите мобилни телефони може да го ажурираат својот шал, така што до клубот стаигнуваат информациите од самите навивачи, а тие добиваат специјален третман на стадион. Навивачите со вакви шалови имаат пристап во целиот комплекс на стадионот, од паркинг место до ВИП-ложа, а исто така може да комуницираат со фудбалерите.
Оваа идеја беше добро прифатена, па сега раководството на шпанското првенство планира да ги воведе шаловите во сите клубови од елитата. Што се однесува за Реал Сосиедад, челниците истакнаа дека за новата сезона ќе го зголемат бројот на овие шалови. Сосиедад со овој потег засекогаш го смени начинот на којшто навивачите се поврзани со клубот.