Лондонското дерби меѓу Челзи и Арсенал ќе го гледаме и во финалето на Лигата на Европа. Челзи по големата драма и подоброто изведување на пеналите, го елиминираше Ајнтрахт, а Еден Азар го даде последниот удар од белата точка за домашниот тим.
Веднаш потоа сите ги интересираше дали Азар во финалето на Лигата на Европа ќе го одигра последниот дуел во дресот на Челзи. За Белгиецот веќе подолго време се интересира Реал Мадрид, а според многу шпекулации договорот треба да биде само формалност.
„Само за една работа мислам сега, а тоа е да освојам трофеј со Челзи. Ако биде тоа мојот последен меч во дресот на Челзи, ќе дадам сè за да одиграм најдобро што знам и ќе се потрудам да го освоиме пехарот. Засега уште ништо немам одлучено“, рече Азар, кој додаде дека секогаш сака да ја преземе одговорноста во решавачките моменти, како што тоа го направи синоќа кога го погоди решавачкиот удар од белата точка.