Дефанзивецот Лени Јоро е нов член на Манчестер јунајтед, но не може да се каже дека со своја слободна волја го избра трансферот на „Олд Трафорд“.
Француските медиуми потенцираат дека Лил му се заканувал на Французинот дека ќе ја помине целата сезона на трибините ако има намера следното лето да замине како слободен играч во Реал Мадрид.
„Лил го притискаше Лени Јоро. Клубот му порача на играчот дека ако остане, целата сезона ќе седи на трибините ако планира да го напушти клубот без обештетување и како слободен играч оди во Реал Мадрид следното лето. Месеци наназад се знаеше дека Реал Мадрид е неговиот сон“, објави и Фабрицио Романо.
На крајот Лени Јоро одлучи да ја прифати понудата на Манчестер јунајтед, што секако не е мал чекор во кариерата. Иако англискиот премиерлигаш не е на нивото на Реал Мадрид во овој момент, Французинот го чека значајна улога во тимот на Ерик тен Хаг, а има само 19 години. Сепак, притисокот кон фудбалерот е темата што ја окупира цела Европа и наметнува една нова тема, дали фудбалерите во некои ситуации се всушност „робови на модерното време“.