Новак Ѓоковиќ не успеа да се пласира во финалето на Вимблдон. Српскиот тенисер беше сопрен во полуфиналето кога загуби со 3:0 во сетови од Јаник Синер. Најдобриот тенисер на сите времиња кој има 25 гренд слем титули, физички не изгледаше добро на теренот и едноставно не можеше да му парира на Синер, кој е број 1 тенисер во светот во моментов.
По мечот, Ѓоковиќ зборуваше за тоа дека веќе „му се ближи крајот“.
„Не мислам дека се работи за лоша среќа. Едноставно годините се тие. Телото е истрошено. Колку да се грижам за него, тоа е реалноста. Во последните година и пол го чувствувам тоа како никогаш претходно. Тешко ми е да го прифатам тоа, затоа што мислам дека сум здрав и понатаму можам да играм добар тенис. Тоа го докажав и оваа година, но мислам дека играњето во три добиени сета ми преставува проблем, физички. Колку подолго трае турнирот, толку повеќе ситуацијата ми се влошува. Успевам да дојдам до завршницата, на сите гренд слема стигнав до полуфиналето, а потоа ги добивам Синер или Алкарас. Тие се подготвеми, млади се, наострени. Јас влегувам во тие мечеви со пола резервоар и невозможно е да се добие тој меч. Таа е реалноста и тоа е една од работите кои мора да се прифатат. Морам да се носам со реалноста и да го извлечам најдоброто што може“, рече Ѓоковиќ.
Според оваа констатација на Ѓоковиќ, тешко е да се верува дека Србинот би можел во кариерата да триуфмира барем на уште некој грен слем турнир. Тој е рекордер со 25 трофеи на најсилните четири турнири во светот, но многу веројатно е дека ќе остане на таа бројка, иако голем број на негови фанови се надеваат дека барем уште еднаш ќе го видат популарниот Ноле на тронот.