Андреа Пирло како играч беше еден од најдобрите во негово време. Блескаше како играч на Милан и Јувентус, освои многу трофеи, а со репрезентацијата на Италија беше светски првак во 2006 година и европски вицепрвак во 2012 година. Играчката кариера ја заврши во Њујорк сити.
Како легенда на Јувентус, доби шанса да работи како тренер во младинскиот погон, а во 2020 година беше назначен за прв стратег на Старата дама. Сепак, само по една сезона, Пирло беше заменет, а на почетокот на оваа сезона ја доби довербата да биде тренер во турскиот клуб Карагумрук.
Убаво е фудбалско име како Андреа Пирло да биде на чело на екипата, но сепак резултатите не се посакувани. По седум одиграни кола, Карагумрук има само една победа и шест освоени бодови, па е само два бода од зоната за испаѓање. Затоа, веќе почнаа шпекулации дека Пирло е пред отказ од турскиот тим, кој во следното коло од првенството гостува кај Фенербахче и реално тешко е да освои бодови.