Вечерва ќе се комплетира второто коло од Лигата на шампионите, а синоќешните дуели не донесоа многу возбудувања, но затоа имаше многу погодоци. Вкупно 32 гола беа постигнати на синоќешните девет меча, што во просек е 9,55 погодоци на средба. Тоа што е впечатливо, најголем дел од овие голови беа постигнати од мал број екипи. Борусија Дортмунд даде седум гола, Барселона петпати ја тресеше мрежата на противникот, а Манчестер сити и Интер се радуваа на четири погодоци, што значи дека овие четири екипи постигнале дури 20 гола.
Ако се видат резултатите и од првото коло во ЛШ, забележително е дека имаше натпревари на кои победникот беше предвреме познат. Од 27 средби кои досега се одиграа во новиот формат од ЛШ, дури 12 завршија со победа на фаворитската екипа со три или повеќе голови разлика.
ПОСТАВЕН Е РЕКОРД
Најголемата победа, која воедно е и рекордна во ова натпреварување, ја оствари Баерн Минхен, кој немаше милост кон Динамо Загреб и славеше со неверојатни 9:1. Борусија Дортмунд синоќа беше малку понеефикасна од Баерн и победи со 7:1 против Селтик.
По ваквите резултати, уште сега се поставува прашањето дали новиот формат на Лигата на шампионите со зголемен број клубови (од 32 на 36), кои се во една лигашка табела, е вистински концепт за повозбудливи дуели во елитното натпреварување.
НА КРАЈОТ НА ТАБЕЛАТА, СЕКОЈ ГОЛ МОЖЕ ДА Е ЗЛАТО ВРЕДЕН
Токму фактот дека сите екипи се во една лига, односно се рангираат на една табела, ги тера фаворитите да победуваат со што е можно повеќе разлика, затоа што на крајот од осумте кола може да се случи повеќе екипи да имаат еднаков број бодови и да одлучува конечната гол-разлика.
Затоа, сега на секој меч, секој погодок е важен, за разлика од претходните сезони кога се играше во осум групи и фаворитите кога ќе имаа обезбедено поминување во нокаут-фазата, можеа да не форсираат, да калкулираат и не мораа да запнуваат да победуваат со што е можно повеќе разлика.