Дали Ливерпул има психолошка бариера кога се работи за титулата во Премиер лигата?

Ливерпул ја зголеми предноста на пет бода на врвот на табелата во однос на Манчестер сити, но играчите и навивачите на гигантот од „Енфилд роуд“ сигурно не се задоволни од синоќешниот меч против Лестер. Ливерпул играше на свој терен, имаше одлични вести од претходниот ден (Манчестер сити загуби кај Њукасл), но наместо да победи, освои само бод.

Да бидат уште поразочарани, Ливерпул имаше и предност од 1-0 со голот на Садио Мане, постигнат само по 122 секунди од почетокот на средбата. Сепак, наместо да продолжат во исто темпо, домаќините како да се задоволија со минималната предност, а тоа го казни Лестер. Гостите со погодок во судиското надополнување од првиот дел израмнија на 1-1.

Во второто полувреме Ливерпул делуваше немоќно за да постигне втор погодок, па на крајот џабе статистиката покажува дека домаќините имале 72 отсто посед на топката и седум корнери, за разлика од еден удар од аголот за гостите. Едноставно, Ливерпул со победа ќе избегаше седум бода пред Манчестер сити, што ќе значеше дека дури и со два кикса, односно порази, „граѓаните“ нема да може да ги престигнат. Сега разликата е само пет бода, која може да се анулира во две кола.

Ливерпул досега никогаш нема освоено титула во Премиер лигата, која е формирана во 1992 година. Фановите на „црвените“ речиси 30 години чекаат да се израдуваа на трофеј во првенството и најголемиот дел од нив веруваат дека тоа ќе биде оваа сезона, иако на првата „подарена“ шанса играчите на Ливерпул направија мал кикс.

Во претходните сезони, фановите на Ливерпул паметат ситуации како „им се лизгала“ титулата, но се надеваат дека оваа сезона ќе биде поинаку.

 

- Оглас -

Најнови вести