Италијанската фудбалска јавност ја здрма веста дека 19-мина навивачи на Милан и на Интер се уапсени поради организиран криминал и инволвирање во работата на клубовите, пренесуваат медиумите во Италија.
Водачите на ултрасите на Милан и на Интер се уапсени во понеделникот поради наводни дела на организиран криминал, вклучувајќи злосторничко здружување, изнуда, напади и други тешки злосторства.
Милан и Интер се под посебна лупа затоа што се сомнева дека уапсените ултраси ги контролираат деловните работења во клубовите во име на мафијашките семејства во Италија. Доброто за клубовите е дека тие не се под закана за некакво обвинение затоа што се третираат како оштетени странки во овој случај.
Полицијата откри дека Интер немал контрола врз продажбата на билетите за нивните натпревари. Еден од ултрасите, Марко Фердико, вршел притисок врз тренерот Симоне Инзаги да добие повеќе билети за финалето на Лигата на шампионите во 2023 година против Манчестер сити.
Кај Милан, капитенот Давиде Калабрија наводно имал разговори со Лука Лучи, водачот на навивачите на Росонерите, кој исто така бил уапсен.
La Repubblica објави дека миланскиот обвинител ја отворил процедурата за назначување консултанти кои мора да се погрижат клубовите да ги прекинат сите врски со ултраси кои се блиски до мафијашките семејства во Италија. Доколку тоа не се случи, двата клуба би можело да бидат ставени под надворешна контрола додека не се реши ситуацијата.