Манчестер јунајтед, кој изминатиот викенд триумфира во ФА купот, би можел да остане без настап во квалификациите за пласман во Лигата на Европа и тоа поради косопственикот, сер Џим Ретклиф.
Англиските медиуми пишуваат дека проблем за Манчестер јунајтед претставува тоа што Ретклиф и неговата компанија ИНЕОС се сопственици на Ница, која заврши како петта во Лига 1 и обезбеди директен пласман во групната фаза од Лигата на Европа.
Според прописите на УЕФА, два тима кои имаат ист сопственик не можат да играат во исто натпреварување и во овој случај забрана добива екипата која заврши пониско во својата лига. Манчестер јунајтед сезоната ја заврши на осмото место во Премиер лигата.
Поради ова, се огласи компанијата ИНЕОС.
„Свесни сме за позицијата на двата тима и сме во постојан дијалог со УЕФА. Убедени сме дека ќе најдеме решение за следната сезона“, стои во соопштението на ИНЕОС.
Една од можностите за двете екипи, Ница и Манчестер јунајтед, да играат во европските купови е еден од тимовите да се пресели во третото по ранг натпреварување, Лигата на конференции.