Фудбалска Македонија уште го живее сонот дека може да се избори за пласман на Светското првенство во САД, Канада и Мексико следната година. Како никогаш досега Македонија има шанси во едни квалификациите за големо натпреварување да заврши без ниту еден пораз.
Досега во квалификациите за СП 2026, нашата репрезентација има три победи и четири нерешени и со само три примени гола во седум средби ја има една од најдобрите одбрани во цела Европа.
Македонија утре во Скопје ќе ја пречека Летонија во контролен дуел, а потоа следи вистинскиот фокус, „финалето“ во групата од квалификациите против Велс во Кардиф. Моментално Македонија е втора во групата и желбата е да се остане на тоа место и по дуелот во Кардиф.
МИЛЕВСКИ НЕ ЗНАЕ КАКОВ ЌЕ БИДЕ НЕГОВИОТ СТАТУС ПО ДУЕЛОТ СО ВЕЛС
Дури и да не бидеме втори во квалификациите, Македонија ќе игра во баражот и тоа благодарение на првото место во Лига на нации, кога селекторот Благоја Милевски успеа да ја одведе репрезентацијата од Ц сегментот во Б сегментот и тоа за прв пат.
Тоа што засега е најголема непознаница е дали утрешниот дуел на арената „Тодор Проески“ ќе биде последен меч на домашен терен за Милевски како предводник на националниот тим. По мечот со Летонија следи гостувањето кај Велс и крај на активниот селекторски договор на Милевски.
СРБИЈА, БУГАРИЈА И КОСОВО ПОКАЖАА КАКО СЕ ПРАВИ ДА НЕМА НИКАКВИ ДИЛЕМИ
Самиот Милевски немаше многу што да искоментира дали ќе добие нов договор или не, што само потврдува дека засега тоа прашање воопшто не е отворено со челниците на ФФМ, а е многу важно.
За разлика од Македонија, нашите соседи во изминативе два месеци ги решија дилемите. Бугарија во септември го назначи Александар Димитров за селектор со двегодишен договор што значи дека тој ќе ја води репрезентацијата во квалификациите за ЕП 2028.
Косово кое има историска шанса за пласман на СП, пред еден месец му го продолжи договорот на селекторот Франко Фода и ги реши тие дилеми. Србија која има лоши резултати во квалификациите за Мундијалот, се разделија со Драган Стојковиќ-Пикси и го назначина Вељко Пауновиќ за предводник кој треба да ја врати Србија на победнички патеки.
МОЛЧЕЊЕТО ПРАВИ ПРОСТОР ЗА МНОГУ ШПЕКУЛАЦИИ, ЗА НАВИВАЧИТЕ САМО ЕДНО Е НАЈВАЖНО
Во ситуација кога уште не се знае каква ќе биде селекторската судбина на Милевски, во кулоарите некои шпекулираат дека се размислува за доведување на странски стратег на местото на Милевски, други калкулираат дека Милевски ќе остане да го доработи баражот, а трети се дека актуелниот предводник на националниот тим ќе ја добие целосната поддршка како што тоа беше досега од Фудбалската федерација на Македонија. да биде на кормилото на Македонија.
Кој и да биде селектор по дуелот со Велс, дали ќе остане Милевски, или ќе дојде некој друг, македонските навивачи имаат само една желба, а тоа е да ја видат нашата репрезентација на Светско првенство. На ред се челниците во ФФМ да го донесат вистинскиот потег, а потоа Македонија да испише историја.
Влезот на арената „Тодор Проески“ за дуелот меѓу Македонија и Летонија е слободен, одлука на ФФМ која секако е за поздравување.

