Дали отворањето на „Пандевината кутија“ и тоа за што се молчело пет години беше во најлош можен момент!?

Горан Пандев дефинитивно е фудбалска легенда на Македонија. Играч кој е еден од тројцата Македонци кои може да се пофалат дека бил европски и светски клупски првак (пред него беа само Дарко Панчев и Илија Најдоски) и секако човек од кого може да се научат на фудбалски план. Токму затоа Пандев со целиот свој кредибилитет, знаење и искуство сосема заслужено е дел од челниците во Фудбалската федерација на Македонија.

Сепак, неверојатно делуваше моментот кога на помалку од 24 часа пред одигрувањето на најважниот меч на оваа генерација, тој против Данска, на официјалната фејсбук-страница на ФФМ се појави поткастот на кој Пандев, меѓу многуте работи за кои зборуваше, кажа и за „валканите“ работи кои постоеле пред пет години во репрезентацијата.

Во поткастот Пандев зборуваше за тоа дека тимот бил како растурена банда на Европското првенство во Букурешт, нешто за што никој претходно јавно нема зборувано. Навистина неверојатно беше да се слушаат тие работи на помалку од 24 часа до мечот против Данска, посебно ако се знае дека од таа генерација која играше на тоа ЕП, во актуелниот состав има уште фудбалери кои играа синоќа и против Данска.

Едноставно со тој поткаст сигурно не може да се создаде позитивна атмосфера пред најважниот дуел, само може фокусот на фудбалерите да биде изместен, па наместо да се мисли на Данска, наеднаш актуелни станаа зборовите на Пандев за тоа што се случувало пред пет години во националниот тим.

Цели пет години никој јавно немаше проговорено за тоа какви биле односите додека Македонија испишуваше историја за првиот и засега единствен настап на големо натпреварување, а Пандорината кутија Пандев ја отвори во најлош можен момент и никој не помисли дека тоа може да нанесе штета на актуелната ситуација, атмосферата и дефокус од дуелот со Данска.

Сигурно дека имало време и предходно, ќе имаше време и по завршувањето на баражите да се дознае што било на ЕП пред пет години. Никако не смееле тие работи да се кријат пет години, но кога решија да се кажат јавно, тоа сигурно не требаше да се случи пред дуелот со Данска и фокусот на фудбалерите да биде изместен.

Македонија нема да игра на СП 2026 откако загуби убедливо од Данска (4:0), но победите и поразите се составен дел од играта. Овој пораз од Данска треба да биде лекција за во иднина и да не се повтори. Следниот предизвик ќе бидат настапите во Б сегментот од Лигата на нациите, а потоа се и квалификациите за пласман на ЕП 2028 година. Целта и желбата на сите сигурно е иста, Македонија да има силна фудбалска репрезентација и навивачите кои секогаш ги следат мечевите да имаат повеќе можности за радост на успеси во иднина. Секако и тоа дека репрезентативците треба да имаат поголем респект кон сите оние навивачи кои патуваат и по неколку илјади кимолетри за да ги бодрат на трибините и да не биде како во Коненхаген кога капитенот Енис Барди мораше да ги враќа соиграчите на теренот, за да ги поздрават околу 2.000 македонски навивачи.

- Оглас -

Најнови вести