Македонската фудбалска репрезентација против соседот Косово ќе игра во полуфиналето од Лигата на нациите во обид да стигне до завршницата на Европското првенство во 2020 година. Иако има уште една и пол година до овој меч, кој е на програмата во март 2020 година, уште од сега е јасно дека Фудбалската федерација на Македонија ќе биде на големи маки каде да се игра.
Кога се работи за дуел кој е најважен во фудбалската историја, многу логично е тоа да биде спектакл на најголемиот стадион „Филип Втори“ во Скопје. Сепак, фактот дека Косово е ривалот, може да направи промени во распоредот, па тој меч да се одигра во Струмица.
Последните два меча против Албанија ги игравме во Струмица и немаше никакви проблеми. Сепак, на „Младост“ во Струмица пред една година имаше само 3.500 гледачи во ремито 1-1 на Македонија и Албанија. Доколку се игра во Скопје, може да има и 10 пати повеќе гледачи, но тоа ќе значи дека и гостинскиот тим ќе има можност за многу повеќе свои симпатизери, кои поради близината на двете земји, дефинитивно ќе сакаат да дојдат и да ја бодрат својата репрезентација.
Македонија дури и да сака да игра во Струмица, ќе мора да коригира некои недостатоци на тој терен, бидејќи на последната контрола УЕФА имаше забелешки. До дуелот Македонија – Косово има уште многу време, доволно за ФФМ да направи одлична организација и нашите момци да имаат голема поддршка во обид да стигнат до ЕП 2020.