Кристијано Роналдо се приклучи на репрезентацијата на Португалија и се очекува да биде предводник на европскиот првак во квалификациите за континенталниот собир против Литванија кој се игра в четврток. Последните два меча за Јувентус Роналдо не ги одигра до крај. На дербито против Милан беше повлечен од игра уште во 55 минута, а тренерот Маурисио Сари објасни дека Португалецот не бил целосно подготвен и се жалел на повреда здобиена на еден од тренинзите.
Сепак, дека можната повреда не е клучна причина за замената на Роналдо, потврдува португалскиот репрезентативец Гонсало Пасиенсија. Според Пасиенсија, Роналдо делува одлично подготвен и треба да биде главен во нападот на националниот тим.
„Немам медицинска диплома, но мене Роналдо ми делува целосно здрав. Најважно за нас е тоа што тој е тука во репрезентацијата бидејќи тој е најдобриот играч во светот“, изјави Пасиенсија.
Дали Роналдо навистина е повреден или е подготвен да одигра 90 минути, ќе видиме на дуелот против Литванија.