Дали се распаѓа „бракот“ меѓу Роналдо и Мендеш, Португалецот му работи зад грб на суперагентот

Дводецениската соработка меѓу Кристијано Роналдо и неговиот агент Жорж Мендеш наводно би можела да биде прекината бидејќи имаат различни погледи околу иднината на фудбалерот.

Шпанскиот весник „Ас“ пишува дека има тензии меѓу Роналдо и Мендеш бидејќи заинтересираните клубови го прескокнуваат суперагентот и директно контактираат со  фудбалерот за потенцијална соработка.

Исто така, и Роналдо почнал да преговара зад грбот на својот агент, тој, според пишувањето на „Ас“, стапил во контакт со Антеро Енрике, првиот човек на катарската Старс лига, кој е најзаслужен за трансферот на Килијан Мбапе од Монако во ПСЖ за да разговараат за можноста Португалецот кариерата да ја продолжи токму во Катар.

Ова не е првпат да има тензии меѓу Роналдо и Мендеш. Претходно агентот му се налути на фудбалерот кога си замина од Јувентус, но односите се средија со потписот за Манчестер јунајтед.

Кристијано Роналдо непосредно пред стартот на Светското првенство спогодбено го раскина договорот со Манчестер јунајтед, а по елиминацијата на Португалија во четвртфиналето на Мундијалот во Катар, фудбалерот својата форма до пронаоѓање на нов клуб ја одржува тренирајќи во тренинг-центарот на Реал Мадрид.

На 15-тина дена од стартот на зимскиот преоден рок, нема понуди за Роналдо од европските екипи. Желбата на Португалецот е сезоната да ја доигра во екипа што има реални шанси за трофејот во Лигата на шампионите, но досега два гиганти, Баерн Минхен и ПСЖ, јавно објавија дека нема да го ангажираат Роналдо.

Минатата недела се појави информација дека Роналдо се договорил со тимот од Саудиска Арабија, Ал-Наср, од кого наводно би добил плата од 200 милиони долари годишно, но подоцна самиот фудбалер ја демантираше оваа вест.

- Оглас -

Најнови вести