Прославениот шпански тренер Раул Гонзалес на крајот од сезонава ќе седне на клупата на ракометниот тим Партизан. Ова стана јасно откако актуелниот стратег на Црно-белите, Ѓорѓе Ќирковиќ, официјално потврди дека си заминува од клупата.
„По три години успешна соработка, по завршување на сезоната Партизан и Ќирковиќ ќе продолжат секој по својот пат. Во изминатиов период се направени одлични резултати и во изминативе две и пол години освоени се четири пехари во домашниот ракомет. РК Партизан сега е во улога на нов развоен циклус со јасна амбиција и долгорочни планови“, стои во дел од соопштението на Партизан.
Раул, кој има селекторски договор со Србија до 2028 година сега ќе биде и тренер на Партизан, а проектот е да се донесат неколку квалитетни засилувања, плус со неколку домашни репрезентативци да се создаде тим со квалитет за европски рамки.

