Дали Словенија беше оштетена во полуфиналето против Данска? (Видео)

Ракометарите на Словенија синоќа загубија од Данска со 31:30 во полуфиналето на ракометниот турнир, а многумина сметаат дека судиите „кумувале“ на конечниот резултат и тоа поради одлуката донесена буквално во последната секунда од мечот.

Данска водеше во најголем дел од мечот, на моменти и со шест гола предност, но Словенците не се предадоа, полека ја намалуваа негативата и стигнаа на еден гол заостанување во пресрет на последната минута.

На 15 секунди до крајот беше досуден пенал за Данска, а Хансен промаши, па Словенија имаше шанса да израмни. Влах направи продор кон шестерецот, шутираше но доби удар и арбитрите досудија фаул.

Словенците бараа пенал, потенцирајќи дека дефанзивците на Данска бранеле од недозволена позиција. Чешките судии Хорачек и Новотни решија да гледаат снимка од спорната ситуација, но на крајот останаа на својата првична одлука дека нема пенал, туку само удар од девет метри. Снимката сепак покажува дека дефанзивците ја газат линијата од шестерецот, но пенал немаше и Данска се радуваше на пласман во финалето, каде противник за златото ќе им биде Германија.

Словенија во борба за првото олимписко ракометно одличје ќе се бори против Шпанија, а победникот ќе се закити со бронзата.

 

- Оглас -

Најнови вести