Манчестер јунајтед со вчерашната победа од 2:1 на гостувањето кај Лутон,ја забележа четвртата победа во низа во Премиер лигата, по што менаџерот Ерик тен Хаг еуфорично објави дека се вратија во трката за титулата.
Со новиот триумф, кој беше остварен благодарение на двата гола на Расмус Хојлунд, Манчестер јунајтед дојде до 44 бода, три помалку од петтиот Тотенхем, а пет помалку од четвртопласираната Астон вила. Далеку напред се лидерот Ливерпул со 57 бода, Арсенал има 55, додека шампионот Манчестер сити има 53 и натпревар помалку.
И покрај тоа што двете најдобри екипи имаат двоцифрена предност во бодови, а Сити има девет и натпревар помалку, Тен Хаг тврди дека Манчестер јунајтед се вклучи во трката за титулата.
„Мислам дека се вративме во трката за титулата и моментно го градиме „моментумот“. Сами треба да си правиме притисок. Секој натпревар треба да ни биде како финале доколку сакаме да им се приближиме на екипите кои се пред нас“, изјави Тен Хаг.