Златко Далиќ не беше разрешен од функцијата селектор на фудбалската репрезентација на Хрватска и доби шанса да го води тимот до крајот на квалификациите за ЕВРО 2024.
После поразите од Турција и Велс, Хрватите се во проблем и не зависат самите од себе дали ќе се пласираат на ЕП преку овие квалификации. Треба да играат уште со Ерменија и Летонија, но и 6 бода од тие два меча може да не бидат доволни да бидат втори во групата.
Во таков случај, Хрватите би играле баражи, каде теоретски можен ривал ќе и биде Италија, па патот до ЕП нема да биде лесен.
Извршниот одбор на Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) го прифатил извештајот на Далиќ за дуелите со Турција и Велс, каде селекторот како причина за поразите го навел тоа што во тимот фалеле петмина напаѓачи (Перишиќ, Крамариќ, Петковиќ, Оршиќ и Иванушец). За последните два меча, Далиќ најавил дека ќе повика нови имиња и ветил пласман на ЕП.
Под водство на Далиќ, Хрватите освоија сребро и бронза на последните две светски првенство, па доби поддршка да продолжи со работата.