Хрватска ја продолжи фантастичната серија и седми пат по ред ќе игра на Светско првенство. Коцкестите завршија први во групата, но многу веројатно е дека нема да бидат во првиот барабан кога ќе се влечат групите на Мундијалот. Тоа значи дека Хрватска нема да биде меѓу најдобрите 12, па реагираше селекторот Златко Далиќ.
„Тие барабани, воопшто немав размислувано за нив. Прв, втор, трет… Ако гледаме тоа што го направи Хрватска на последните две Светски првенства, сигурно ќе биде меѓу најдобрите пет, а не да гледа дали е меѓу најдобрите 10-15 селекции. Не знам како некои репрезентации се пред нас. По кои критериуми се прават тие бодувања. Ние освоивме два медала на последните два Мундијали. Но, добро ако е таков начинот на бодување. Нашата прва и основна цел беше да се пласираме на СП, а ние тоа го направивме елегантно, лесно, со нашите најдобри квалификации во историјата“, рече Далиќ.
На Мундијалот во Катар во 2022 година Хрватска го освои третото место, додека на СП 2018 година Хрватска во финалето загуби од Франција и го освои второто место.

