Далиќ: Цело ЕП ни се сведе на 90 секунди, да не беа тие, сега уште ќе бевме на турнирот

Селекторот на хрватската фудбалска репрезентација Златко Далиќ гостуваше на хрватската телевизија и го коментираше настапот на Коцкестите на ЕП во Германија. Хрватите за прв пат под водство на Далиќ имаа разочарувачки настап на едно големо натпреварување, а стратегот ја доби довербата да остане на клупата и во следниот период.

„Ќе треба да помине уште многу време за да го преболиме и заборавиме овој шок, тага и болка. Посебно онаа последна секунда од дуелот против Италија. Поради тоа испаднавме од ЕП. Не го очекувавме тоа. Многу повеќе заслуживме. Ова е неуспех за нас, затоа што Хрватска вреди многу повеќе. Не ми паѓа на памет да барам алиби, а не посебно кај играчите, судиите или нешто трето. Единствено моја е одговорноста. Играчите дадоа се од себе“, рече Далиќ.

Стратегот на Хрватска коментира дека целото ЕП  за Хрватска било собрано во само 90 секунди.

„Ако ја одземете последната минута од дуелот против Албанија и оние 30 последни секунди од дуелот против Италија, ние немаше сега да бидеме тука. Ќе имавме шест бодови и сега ќе зборувавме за фантастична Хрватска која одигра фантастично второ полувреме против Албанија и Хрватска која го победила актуелниот европски првак Италија. Но, тие 90 секунди променија сѐ. Ова е неуспех, но не можам да прифатам дека оваа Хрватска не е добра“, поентираше селекторот Далиќ кој следниот предизвик ќе му биде настапот во Лигата на нации и квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

- Оглас -

Најнови вести