Дамјан ја реализираше хуманитарната мисија – 400 км. пеш од Скопје до Острог

Дамјан Марковски, момчето кое одлучи да реализира 400-километарски предизвик во знак на благодарност кон Св. Василие Острошки и подигнување на свеста за подобрување на медицинската грижа за спортистите во Македонија, успеа во целта.

Ова преку социјалните мрежи го објавија од фондацијата „Марко Божиновски“, која е отворена во чест на Марче, некогашниот младински ракометен репрезентативец чиј живот згасна прерано. Неговите родители преку оваа фондација имаат една цел, да им помогнат на млади луѓе да успеат во спортот, пред сé на тие кои се таленти, а немаат можности да инвестираат во развој на својата кариера. Мисија на Фондацијата е преку спортот на децата, младинците, како и лицата со посебни потреби да им се овозможи поквалитетен живот и поздрава иднина.

„Нашиот херој Дамјан успешно ја исполни мисијата – по 11 дена пеш Дамјан вчеравечер пристигна на Острошкиот манастир!

Ретко кој има карактер да се нафати воопшто за ваков предизвик, а уште поретки се луѓето кои успеваат во својата намера!

А за големината на Дамјан, говори и фактот што на негова иницијатива реши да не’ вклучи и нас во неговата приказна. Ни беше чест и неизмерно ти благодариме што бевме дел од твојата хуманитарна мисија.

Исто така, ви благодариме и на сите кои поттикнати од предизвикот на Дамјан дониравте средства во фондацијата. Броевите се се’ уште активни и можете да донирате во секое време на:

А1: 143-800
Телеком: 143-403

Браво Дамјан! Засекогаш ќе ја имаш нашата поддршка за било која активност што ќе ја правиш, бидејќи само со млади како тебе можеме да ја исполниме мисијата на фондацијата.

А во меѓувреме, се гледаме на 14.06 во С.Ц. ,,Марко Божиновски”!, порачаа од фондацијата „Марко Божиновски“.

- Оглас -

Најнови вести