Ракометната репрезентација на Данска ја исполни целта и го освои европското злато. Скандинавската селекција во моќно и спектакуларно финале ја совлада Германија со 34-27, со што ги собра сите најзначајни титули во светскиот ракомет.
По Олимписките игри и Светското првенство, трофејот од Европското првенство заврши во витрините на Данска. Тимот, предводен од спектакуларниот Гидсел, кој заврши како најдобар стрелец на ЕП 2026, и од фантастичниот Питлик, дојде до голема победа пред домашната публика во Хернинг.
Квалитетот и искуството на Данска дојдоа до израз. Во неизвесниот финиш, домаќините постојано одржуваа предност од два до три гола, а во последните моменти го забрзаа темпото, па славеа и поубедливо.
Најефикасен во редовите на Данска беше Питлик со осум голови, додека Матијас Гидсел, најдобриот ракометар на светот и МВП на шампионатот, постигна седум, исто колку и Хансен. Кај Германија, по пет гола постигнаа Гргиќ, Кнор и Гоља.
Данска ја победи Германија и во групната фаза со 31-26, додека единствениот пораз на турнирот им го нанесе Португалија, која на крајот заврши на петтата позиција.

