Данска е старо-новиот светски ракометен првак откако во финалето на Мундијалот во Египет со 26:24 ја победи Шведска. Планетарниот владетел и актуелен олимписки првак покажа зошто е најдобра репрезентација во моментов победувајќи во сите осум средби на Светското првенство.
Шведска одлично го отвори мечот и водеше со по еден разлика, а потоа Данска првпат поведе со 5:4. На 10:9 за Данска, Шведска со мини-серија од 3:0 стигна до 12:10, но на полувремето се замина со нерешен резултат 13:13. Во вториот дел беше нерешено до 20:20, а потоа Данска поведе со 23:20 и до крајот на мечот не дозволи Шведска да се понадева и да се врати во игра за златото.
Никлас Ландин Јакобсен, голманот на Данска, блескаше и на крајот имаше 15 одбрани, па е еден од најзаслужните за златниот медал. Ландин само во еден месец успеа со Кил да стане европски клупски првак, беше прогласен за најдобар ракометар во светот, а сега и со Данска е на планетарниот трон.