Дански клуб им забрани на навивачите да носат транспаренти со кои им бараат дресови на фудбалерите

Шампионот на Данска, Копенхаген, им забрани на своите навивачи да носат транспаренти со кои им бараат дресови на фудбалерите. Забраната важи и за домашните и за гостинските натревари. На влезовите на стадионите ваквите транспаренти ќе бидат одземани, а причината за ваквата одлука е да нема разочарување кај младите фанови.

„Одлуката е донесена врз основа на фактот дека играчите не можат да исполнат толку желби, што носи разочарување кај многу деца кои дошле со надеж дека ќе добијат дрес. Бројот на таквите транспаренти многукратно се зголеми во изминатите сезони и, за жал, многу деца кои носат такви транспаренти остануваат разочарани. Истовремено, играчите се ставаат во многу лоша ситуација бидејќи не можат да ги исполнат сите барања, а потоа се доживуваат во негативна конотација бидејќи мора да одбијат многу барања за дресови. На играчите и понатаму ќе им биде дозволено да ги подаруваат своите дресови, но под други околности“, се вели во соопштението на Копенхаген.

Вакви забрани претходно воведоа и екипите на Ајакс и Славија Прага. Ајакс ваквиот потег го објасни со заштита на играчите да не бидат критикувани, но и поради опасноста од пожар поради картонските транспаренти.

Од Славија Прага имаат други причини, а тоа е откривањето на организирана група која носела деца на стадион да бараат дресови од фудбалерите, а овие дресови потоа биле продавани на интернет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести