
Фудбалската селекција на Македонија претрпе убедлив пораз од Данска (4-0) на стадионот „Паркен“ во Копенхаген, во полуфиналниот бараж за Светското првенство. Клучниот момент на мечот се случи веднаш по паузата, кога домаќинот во само десет минути целосно го реши прашањето на победникот.
По израмнето прво полувреме, Данците експлодираа на стартот од вториот дел. Дамсгард го отвори резултатот во 49-тата минута, а потоа се најде и во улога на асистент при вториот гол, кога го проигра Исаксен во 58-тата минута. Само шеесет секунди подоцна, истиот играч повторно беше прецизен и зголеми на убедливи 3-0.

Конечниот резултат го постави Норгард, кој по корнерот на Ериксен од левата страна најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава ја запечати победата.
Македонија имаше свои моменти, особено во првиот дел. Првата закана дојде преку Ќамили, кој не успеа да ја исконтролира топката во ситуација кога можеше да излезе сам пред противничкиот голман. Данска возврати преку Хојлунд, но неговиот удар беше блокиран.
Нашата репрезентација беше дисциплинирана во одбраната и опасна во транзиција. Растодер убаво го пронајде Чурлинов во шеснаесетникот, но му недостасуваше еден чекор за посериозна закана. Во 25-тата минута се закани и Хојбјерг од далечина, но Димитриевски беше на висина на задачата, додека обидот на Меле заврши покрај голот.
Во финишот на првиот дел Данска го засили притисокот, но избраниците на Гоце Седлоски успешно се бранеа. Сепак, почетокот на второто полувреме донесе целосен пресврт во ритамот на играта.
Македонија имаше можност да одговори при резултат 1-0, кога по добра акција Барди шутираше од дистанца, но без посакуваната прецизност. Наместо израмнување, следеше казна на спротивната страна и брз расплет во корист на Данците.
До крајот, Македонија се обидуваше да го ублажи поразот, Барди се закани од слободен удар, а Димитриевски имаше уште неколку интервенции, но Данска со четвртиот гол само ја потврди доминацијата и обезбеди убедлив триумф.

