Најдобриот македонски атлетичар на долги патеки, Дарио Ивановски, и официјално ќе биде дел од Светското атлетско првенство во Токио, откако Светската атлетска организација ја објави финалната листа на потврдени учесници во машкиот маратон.
Ивановски е еден од 100-те најдобри маратонци во светот кои ќе настапат на престижното натпреварување што ќе се одржи во септември оваа година. За него, ова ќе биде прво учество на Светско првенство на отворено – единственото големо натпреварување кое досега му недостасуваше во богатиот спортски календар.
Македонскиот атлетичар веќе има зад себе настап на олимпискиот маратон во Париз, како и учества на Светско и Европско првенство во сала, каде со достојни настапи ја претставуваше Македонија.
Сега останува надежта дека Ивановски ќе блесне и на улиците на Токио, каде ќе се бори рамо до рамо со светската маратонска елита.