Македонските маратонци Дарио Ивановски и Адријана поп Арсова ги прават последните подготовки пред заминувањето во Токио, Јапонија, за претстојното Светско атлетско првенство. Собирот на најдобрите планетарни атлетичари ќе биде од 13 до 21 септември, а нашите двајца маратонци ќе имаат голем предизвик да стигнат до посакувани резултати.
Еден од најзаслужните што Македонија има маратонец како Дарио Ивановски, кој има и искуство од Олимписките игри во Париз 2024 година, секако е тренерот Игор Јакимовски. Искусниот Јакимовски точно знае како да ги темпираат подготовките за еден ваков важен и значаен планетарен настан. Токму Јакимовски е нашиот денешен гостин во рубриката Хуманитарен тикет и ќе се обиде да создаде добитни комбинации.
„Во изминатиов период напорно трениравме и работевме. Дарио е одлично подготвен и моите очекувања се да истрча на маратонот со време меѓу два часа и 10 минути до 2:12 часа. Тоа би требало да значи пласман во првата половина од учесниците. По настапот на ова Светско првенство, нашата следна главна цел е уште еден Олимписки настап на Дарио на Игрите во Лос Анџелес во 2028 година“, вели Јакимовски пред заминувањето за Токио.
На Мундијалот прва ќе настапи Поп Арсова, која треба да трча на 14 септември во 8 часот наутро по локално време. Следниот ден, односно на 15 септември предизвикот е на нашиот најдобар атлетичар и олимпиец, Дарио Ивановски.
Освен што е тренер на Ивановски, популарниот Јакимовски и самиот уште е активен на атлетската тартан патека. Неодамна тој беше учесник на 34-тото балканско атлетско првенство за ветерани, каде што имаше повеќе од успешен настап. Популарниот Игор МС на крајот се закити со три медали, по еден златен, сребрен и бронзен.
Јакимовски стана балкански ветерански шампион во М45+, дисциплина 3000 метри стиплчес. Со сребро се закити во категорија М45+, дисциплина 800 метри, а бронзен медал освои на 1500м во категоријата 45+.
Јакимовски има освоено вкупно 20 медали на ветеранските атлетски првенства во изминатите 5 години, и тоа три златни, 10 сребрени и седум бронзени.
Освен атлетиката, Јакимовски ги следи и останатите спортови, а сега ќе се обиде да создаде добитен хуманитарен тикет.