Македонскиот фудбал остана без една од своите најсветли фигури. Васил Рингов почина на 70-годишна возраст по кратко боледување. Со неговото заминување, земјата изгуби вистинска легенда, чие име е испишано со златни букви во историјата на нашиот спорт.
Најзначајниот дел од неговата кариера е врзан за Вардар, каде што Рингов го доживеа својот зенит, особено во партнерството со Дарко Панчев. Тој офанзивен тандем беше кошмар за одбраните во поранешната југословенска лига и симбол на една незаборавна ера.
По веста за смртта, Дарко Панчев со трогателни зборови се прости од својот поранешен соиграч и голем пријател.
„Васе, не е фер, нè напушти прерано. Ќе ни фалиш, ќе има голема празнина во нашите седенки, нашите спортски муабети, раскажувања на анегдоти. Беше еден од најдобрите напаѓачи во 80-тите години во „екс-ју“ лигата, а заедно со тебе во Вардар бевме и веројатно најопасен и најдобар тандем во еден период. Нѐ напушти, но зад себе остави длабока фудбалска трага и огромно спортско богатство за Македонија. Нека ти е лесна земја, а вечна слава секако имаш“, вели Панчев во своето обраќање.

