Дарко Панчев од се срце навива за Хрватска и на интересен начин за хрватски „Индекс“ раскажа како го соживеал драматичното четвртфинале на Коцкестите против Бразил, што заврши со победа на светскиот вицешампион на пенали.
„Заедно со Васил Рингов и Бобан Бабунски го гледавме четвртфиналето и навивавме за Хрватска. Васе играше за Динамо Загреб и тој посебно емотивно го следеше фудбалскиот маратон.
Јас исто давав поддршка за Хрватите. Па нема да навивам против репрезентација што доаѓа од поранешна Југославија. Дури на крај кога го видов Нејмар како плаче, урлав кон телевизорот. Плачи Нејмар, плачи Хрвати су јачи…, а Бабунски и Рингов исто така постојано навиваа за Хрватска. Во Македонија сите навиваа за Хрватите, особено оние луѓе од постарите генерации“ раскажа најдобриот македонски фудбалер за минатиот век.
Популарната Кобра ги истакна голманот Ливаковиќ и Јурановиќ како најдобри поединци според него на дуелот со Бразил, а вели дека Коцкестите го имаат најдобриот среден ред на светот.
„Трилингот Модриќ-Ковачиќ-Брозовиќ функционира феноменално и според мене е најсилен среден ред на планетата. Перишиќ е брилијантен играч, покрива и во одбрана и стасува да креира шанси и да дава голови, а Ливаковиќ според мене е најдобар голман досега на турнирот.
Пријатно ме изненади бекот Јурановиќ, а со квалитетот и искуството на останатите играчи Хрватска има шанси и против Аргентина во полуфиналето. Јас пак од срце ќе навивам за вас и ви посакувам ново финале на Мундијалите“, истакна Дарко Панчев.