Легендарниот македонски фудбалер Дарко Панчев во интервју за Радио Телевизија Република Српска имаше интервју во кое зборуваше на многу теми. Панчев е единствен фудбалер од Балканот кој ја има освоено „Златната копачка“ која се доделува за најдобар стрелец во Европа.
Панчев кариерата ја започна во Вардар каде го покажа целиот свој талент, а потоа направи трансфер во Црвена ѕвезда каде блесна и ги направи најголемите успеси освојуваќи ја титулата во Купот на Европски шампиони и Интерконтиненталниот куп.
Популарната Кобра вели дека за него постојат само два клуба а тоа се Вардар и Црвена ѕвезда. Сите останати клубови во кои играл, Панчев ги доживувал како фирми за работа.
„Вардар ми е мајка, а Звезда ми е татко. Во Црвена ѕвезда созреав, станав човек. Таму ги остварив најголемите резултати во кариерата. Тие два клуба не можам да ги одвојам. Вардар и Црвена ѕвезда ми се омилени клубови. Младите денеска одат во странство да градат кариери, а ние кариерите ги градевме во Југославија. Секое заминување во странство беше да се заработат пари. Друг принцип беше тоа. По Вардар и Црвена ѕвезда сите останати клубови ги гледав како фирми во кои бев да работам“, рече Панчев.
Панчев анализираше и околу актуелната ситуација во македонскиот фудбал, како на клупски, така и на репрезентативен план.
„Седлоски се врати во Вардар, добро им оди се надевам дека ќе бидат први на крајот иако имаат сериозни конкурентни во Струга ТЛ и Шкендија. Тие три екипи ќе се борат за титулата“, вели Панчев.
Што се однесува до националниот тим, Панчев знае дека Данска е во улога на фаворит против Македонија, но секако дека во фудбалот нема невозможно.
„Селекторот Милевски постигна голем успех со самото тоа што ја однесе селекцијата од Ц во Б сегментот. Пред три години Македонија играше во бараж и ја исфрли Италија, а потоа за жал немаше сили да ја победи и Португалија. Сега имаме повторно бараж и тоа против Данска, која е добра селекција, посебно кога игра на домашен терен. Сепак, во фудбалот се е можно. Тешко е затоа што 70 отсто од репрезентативците кај нас не се стандардни во своите екипи. Секоја чест за Милевски кој извлече буквално максимум. Времето ќе покаже дали е добар потег доведувањето на Седлоски за селектор. Јас да бев, ќе го оставев Милевски да биде селектор во баражот. Тоа е мое мислење. Ќе следиме што се случува“, анализира Панчев.

