Најдобриот македонски фудбалер на 20-тиот век, Дарко Панчев, во интервјуто за „Флешскор“ се потсети на своите најубави спомени, но и погрешниот избор на нов клуб кога ја напушти Црвена ѕвезда во 1992 година.
„Ги остварив моите соништа уште кога бев во Вардар. Пристигнав во Ѕвезда на 23 години веќе како етаблиран играч и член на репрезентацијата, па очекувањата во Белград беа огромни. Главната разлика беше што Ѕвезда беше многу поорганизиран клуб од Вардар, со неспоредливо повеќе навивачи. Имам само убави спомени од Белград“, рече Панчев, кому врв на кариерата му беше решавачкиот гол од пенал во финалето на Купот на шампионите во 1991 година.
„Чувствував притисок додека трчав кон топката за да го изведам решавачкиот пенал, но штом ја зедов и ја ставив на белата точка, сè исчезна. Искрено, никогаш однапред не одбрав страна, туку секогаш го гледав голманот и чекав на неговиот прв потег“, вели Панчев.
Кобрата, кој беше Златна копачка на Европа, сè уште верува дека преселбата во Интер била голема грешка.
„Во тоа време ме бараа многу големи клубови, Барселона, Милан, Манчестер јунајтед и Интер. Сепак, немавме пристап до информации како што имаме денес. Да знаев тогаш што знам сега, сигурно немаше да го одберам Интер, туку ќе одев во тим кој негува поофанзивен стил на игра. Дојдов во тим кој играше екстремно дефанзивно, што е смрт за напаѓач. Алекс Фергусон го обожуваше нашиот тим. Бевме нешто како Барселона со Меси, Иниеста и Чави. Искрено, жалам што не отидов во Англија. Верувам дека стилот на фудбал таму би ми одговарал многу повеќе“, заклучи Панчев.

