Поранешниот играч на Левски, а сега помошник тренер на Сините од Софија, Македонецот Дарко Тасевски, во подкаст раскажа за таканаречената „Афера Казан“, која доведе до пораз во дербито од ЦСКА со 0-2 на 20-ти септември 2009 година.
Непосредно пред вечното бугарско дерби, во седиштето на Левски пристигнал факс, во кој се тврди дека Рубин Казан сака да потпише со четворица од најдобрите играчи на тимот за огромна сума. Трансферите морале да се извршат веднаш за да можат играчите да бидат регистрирани за натпреварот од Лигата на шампионите против Интер на 29-ти септември.
Левски бил дел од Лига Европа, но клубот бил во тешка финансиска состојба и претседателот Тодор Батков им наредил на четворицата стартерите – Дарко Тасевски, Живко Миланов, Зе Соареш и Јусуф Рабех да летаат за Москва. Со нив биле и агент и претставник на Левски.
Но, испадна дека целата понуда е измислица, а ослабениот Левски го губи дербито, што едно од најболните спомени за навивачите на овој клуб.
„Веднаш ми се чинеше сомнително. Добри бевме, но нешто не е во ред. Во понудата стоеше дека секој од нас треба да земе плата од 80.000 долари, огромна сума во тоа време. Играв во Украина и разбирав руски, и од старт ми се чинеше сомнително. Нѐ пречекаа некои луѓе во влечки, со црни Г-класи, а не од Рубин со клупски обележја. Секогаш брзаа, како некој друг да ќе нѐ земе. Велеа сега одмарај, утре имаш прегледи. Тогаш бевме млади 23-24 години. Да одиш во Москва, а да не излезеш навечер да се забавуваш е злосторство. Но, си рековме: „Луѓе, ајде прво да ги поминеме прегледите, а потоа ќе славиме. Си легнавме. Утрото, нè чекаше една привлечна девојка. Ја слушам како зборува по телефон, ја прашувам: „Извинете, што функција имате во тимот, директор, адвокат?“ А, таа: „Во кој тим? Ми рекоа да ве земам од хотелот, да ве прошетам низ градот и да ве однесам во клиниката“, раскажа Тасевски.
Отишле во некоја клиника, дале крв и урина, се вратиле во хотелот и им рекле дека ќе дојдат претставници на Рубин, и да почекаат.
„Чекавме, чекавме – никој не дојде. Следниот ден откривме дека сè е измама. Баравме лет за назад, но немаше дента. Бевме во воздух за време на натпреварот со ЦСКА. Кога слетавме откривме дека сме загубиле со 0-2“, рече Тасевски.

