Италијанскиот шампион Наполи донесе одлука да не го купува Дарвин Нуњес. Партенопеите дефинитивно ја затворија вратата за трансферот на Уругваецот.
Според информациите на „Скај Спорт Италија“, Наполи се повлече од преговорите со Ливерпул поради високите финансиски побарувања. Англискиот клуб не попушта за трансфер под 50 милиони евра, иако Наполи беше подготвен да понуди 43 милиони.
Во потрага по поекономично и остварливо решение, погледите се пренасочени кон Лоренцо Лука од Удинезе. 24-годишниот напаѓач е веќе идентификуван како реална замена и приоритет за срцето на нападот, со трансферна вредност од околу 30 милиони евра.
Клубот од „Диего Армандо Марадона“ активно работи на освежување на тимот за сезоната 2025/26. Целта е јасна, да се најде сигурна алтернатива за Ромелу Лукаку, кој засега останува единствениот класичен напаѓач во тимот. Лоренцо Лука не само што може да ја покрие таа празнина, туку со трансферот во Наполи се надева и на билет за националниот тим на Италија.
Покрај него, Наполи интензивно работи и на други фронтови. Договор е веќе постигнат со ПСВ за ангажман на Ноа Ланг, а се финализираат и преговорите со Болоња за крилниот офанзивец Дан Ндоје.