Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска замина за Полска, каде против домашната селекција ќе го одигра првиот натпревар од квалификациите за ЕП 2027. Дуелот е закажан за 5. септември во 18 часот, на стадионот во Краков со капацитет од околу 15.000 гледачи.
Нашиот национален тим е подготвен. Селекторот Горан Станиќ верува во оваа генерација, убеден е во успех во циклусот кој го отвораме во Краков.
Дашмир Елези има слично размислување, фудбалерот на Работнички е еден од главните адути во нападот на младата селекција.
„Секако дека сме возбудени поради стартот на квалификациите. Пред нас е цел циклус и имаме што да покажеме. Мотивирани сме максимално. Полска е квалитетен тим, анализиравме и видовме на што треба да се посветиме. Одиме по поволен резултат, сакаме да освоиме бодови таму, а потоа со сите сили кон Италија и дуелот во Битола. Одиме натпревар по натпревар, бод по бод, до успех на оваа генерација“, изјави Елези.