Давид Алаба е најслабата алка во одбраната на Реал Мадрид, имаше долга пауза поради повреда и се чинеше дека е неизбежно да биде продаден, но со доаѓањето на Чаби Алонсо за тренер, работите се менуваат.
Алаба одбива да си оди, проблем е неговата висока плата, а Алонсо, кој пред една деценија играше со него во Баерн Минхен, се обидува да му најде нова улога на Австриецот. Најголемиот проблем на Реал е немањето добар организатор на игра, тимот се мачи во тој дел по пензионирањето на Тони Крос, а на оној „таен“ меч со Леганес, Алонсо го пробал Алаба како плејмејкер.
За Алаба не е непознато да игра на таа позиција во средината, но во Реал досега го користеа само како централен дефанзивец и ретко како лев бек. Во Баерн и во репрезентацијата, Алаба има играно и во среден ред, па Алонсо му дава шанса да покаже дали може да биде решение на проблемот на Реал.
Реал вечерва игра пријателски меч со Тирол, а средниот ред е ослабен поради повредите на Валверде и Камавинга, го нема ни Белингам, кој ќе отсуствува барем уште два месеца. Конкуренцијата во одбраната е посилна, таму Алаба нема да се изнаигра и ако веќе остане во Кралскиот клуб, можеби ќе го гледаме во нова улога.