Давид Бабунски го постигна својот прв гол за новиот клуб Дебрецин во Унгарија и веднаш потоа во одлично расположение се појави на собирот на македонските репрезентативци за бараж-дуелот со Италија, во Палермо, на 24 март.
Постариот од браќата Бабунски по подолг период пак е А репрезентативец и вели дека е пресреќен.
„Многу сум среќен што сум во репрезентацијата. Нема поубаво чувство да си репрезентативец на својата земја. Подготвени сме за големиот предизвик и мислам дека може да се случи нешто многу убаво. Сите знаат дека Италија е фаворит, тие имаат огромен рејтинг во светот на фудбалот, но нема да се предадеме. Ваквите бараж-мечеви се посебна инспирација и очекувам да дадеме сè од себе за добар резултат“, изјави Давид Бабунски.
Македонската фудбалска експедиција утре ќе патува за Палермо, а на 24 март од 20.45 часот ќе играме со Италија на „Ренцо Барбера“.
Победникот го чека уште еден бараж-дуел за настап на Мундијалот во Катар против Португалија или Турција на 29 март.